Search

Sunday, September 30, 2012

Андријана Јаневска - „Со добра организација се’ е можно!“

Еден од врвовите меѓу највредните македонски вокали, личност за воодушевување и восхитување, личност од која секој треба да црпи инспирација и да се мотивира за повисоки достигнувања, особено кога е во прашање успевањето на музичката сцена. 


Сите се сеќаваме на белиот фустан со еден црн ракав
Личноста со која го направивме ова интервју најдобро ќе ја препознаете ако ве потсетиме на „Твоето писмо, моја библија“, или како што полесно се памеше - лебиблија. По тоа остана запаметена, но веднаш по тој настап, Андријана Јаневска замина далеку повисоко на музичката сцена и постигна значајни успеси.


Читнете во интервјуто и откријте интересни моменти од нејзиниот живот!


       * Македонската музичка сцена од твој аспект?
  • Се‘ подобра и подобра. Мислам дека имаме најдобра музика на Балканот, од аспект на квалитет се разбира. Имаме одлични музичари, текстописци, аранжери и продуценти. Другите треба да учат од нас.


* На своите почетоци бевте едно од најчестите, ако не и најчестото лице на ТВ екраните. Сега после толку усовршувања, после толку очигледно огромен напредок, и после тоа што важите за една врвна и вистинска уметничка на пошироката сцена, не сте толку многу експонирана. Зошто?
    • Затоа што одбрав да имам приоритети. Некои работи мораа да се случат тогаш, па им дадов предност и мислам дека не погрешив. Уште пред да се запишам на факултет бев свесна дека популарноста е минлива категорија, и дека морам да размислувам поодговорно.


* Некоја интересна ситуација од вашите почетоци?
    • Чест ми е што бев прв и единствен гостин на првиот концерт на Тоше Проески на Скопското Кале. Тоа беа незаборавни моменти со нашата најголема ѕвезда.



* Зошто токму виолината?
    • Виолина свирам веќе 23 години, а започнав кога бев прво одделение. Сакав да свирам пијано, но моите родители немаа средства да ми купат пијано, па од училиштето ми дадоа виолина на користење. Подоцна ја засакав, и еве денес е дел од мојот живот, нешто за кое и од кое живеам.


* Што практикувате за нега на вашиот глас?
    • Ништо посебно. Доволно е да имате правилна техника на пеење за да не се заморувате додека пеете. Тоа е најштетно за гласните жици, неправилната импостација.
       
      * Која е разликата пред и по раѓањето на вашиот син?
    Има огромна разлика. Сега мојот син е број еден во мојот живот, а се‘ друго може да почека. Навистина се пронајдов во улогата на мајка и мислам дека добро ми оди :) Уживам во заедничките мигови со Димитар, си играме, пееме, читаме приказни, се капеме во када со патчињата, шетаме низ парк, одиме на шопинг, свириме пијано... Мојот живот доби смисла.


      * Како постигнувате се’ во однос на приватен и професионален живот?
  • Со добра организација се‘ е можно. Работните обврски ми се однапред испланирани, а остатокот од времето го користам за останати активности кои ме интересираат (шах, пливање, планинарење), гледање фудбал и формула 1, и се разбира за дружење и излегување на вечерни свирки со пријателите и колегите од операта.

     * Долго време сте на сцената. Некои тешкотии со новинарите? :)
  • Никогаш не сум имала проблеми со новинарите. Има исклучоци, но не се вредни за споменување. Мислам дека отсекогаш сме имале коректен взаемен однос, и се надевам дека така ќе биде и во иднина.


     * Што ве вади од кожа?
  • Кога некој доцни. Со оглед на тоа што сум точна како швајцарски часовник, не можам да разберам како може луѓето да доцнат и да не го почитуваат туѓото време?! Ме вознемируваат и нелекторирани учебници и книги, правописни грешки...


     * Како сакате да го започнете денот?
  • Со овошје, утринско кафе и гушкање со син ми. Би сакала и со пливање, но тоа во другиот живот, кога ќе имам базен :)


     * Што се случува во периодов на професионален план? :)
  • Се подготвувам за Скопскиот фестивал кој ќе се одржи на 13ти Ноември. Ќе пејам моја композиција, и многу сум возбудена што после долго време ќе имам прилика да настапувам на фестивал кадешто ќе свири симфониски оркестар.




    * Личност која би ја назначиле како ваш најголем учител?
  • Учам од сите, и сите луѓе ги вреднувам исто. Никогаш не знаеш кого животот може да ти го донесе. :)                                                                                                                                                                                                                                                                                                                                                                                                                     Елена Данова

И велешани видоа како изгледа мрзата

Вчеравечер во салата „Бели мугри“ во Велес со почеток од 19 часот, центарот за помош на лица со попреченост во развојот ПОРАКА НЕГОТИНО ја одигра третата премиера од претставата „Мрзливата жена и метлата“. Сценариото за претставата е според текст од книгата на Шенка Колозова, а за режијата беа одговорни Верица Ташева и Валентина Тасева.

Во вчерашните подготовки за претставата учествуваа и ЗЛЦП - Здружението на лица со церебрална парализа од Велес кои пред самиот почеток имаа мала изложба на рачно изработен накит со продажен карактер. Прстените, ланчињата, обетките, шолјите за чај и останатите сувенири предизвикаа голем интерес кај оние кои доаѓаа да ја видат ’мрзливата жена‘.

Остануваат уште неколку изведби за проектот да се заокружи како доста успешен. Од ПОРАКА НЕГОТИНО велат дека наредната недела планираа да дадат уште две претстави -  во Неготино и Кавадарци.

Елена Данова

Tuesday, September 25, 2012

Младински форум против семејно насилство


На 24 септември во Демир Капија се одржа состанок на Младинскиот форум составен од млади личности на возраст од 17 до 35 години. Состанокот беше фокусиран на состојбата на жената за време на семејно насилство.
Како продолжение на проектот кој беше започнат пред неколку месеци од страна на невладината „Женско лоби“ во кооперација со хрватската невладина организација „Екумена“, пректот реализираше неколку активности во кои е дел и овој состанок каде се решаваше за создавање на видео спот каде би била прикажана реалната состојба на жената во земјава кога станува збор за семејно насилство.
Желбата останува иста низ целиот проект, а тоа е да се поттикнат младите, па и жените во позрели години да знаат каде да се обратат за помош при семејно насилство и како да соберат храброст тоа да го направат.


Во иднина, се предвидува да се одржи едукативна трибина за средношколци, како и работилница за младите во Кавадарци. Според кооординаторката, Менче Николова, проектот ќе цели кон тоа да се отворат Шелтер Центри за пријавување на случаите на семејно насилство.
Бројот на заинтересирани за оваа тема се зголемува, независно од полот. Ова покажува дека семејното насилство е сериозен општествен проблем во денешно време.

Подготви: Емилија Петреска

Sunday, September 23, 2012

Уште едно издание на Манаки заврши


Годинава нашиот познат интернационален фестивал Браќа Манаки го одржа своето 33-то продолжение, кое во последните неколку години се одржува во Битола, таму каде и што припаѓа. Годинава со нешто повеќе гламур, фестивалот ја задржи својата традиција на единствен фестивал каде се почитува работата на кинематограферите низ целиот свет.

Со помош на директорката Лабина Митевска, како и тимот вклучен во целата организација, фестивалот доби нова димензија и стил но, сепак, љубителите на добриот филм не се намалија, напротив, годинава тие се зголемија. Фестивалот, исто така, е организиран од Друштвото на филмски работници на Република Македонија, под покровителство на Претседателот на РМ, со поддршка на Министерството за култура, Филмскиот фонд на Македонија, Општина Битола и Амбасадата на кралството Холандија. Главни спонзори се Вип и Шпаркасе банка.
Изборот на филмови уште еднаш ја маѓепса публиката и ја натера на моменти да се насмее, а на моменти и да заплаче.

На оние кои го пропуштија фестивалот им препорачуваме следната година да не го пропуштат. Годинава беше забележан историски настан на фестивалот кој гордо се отвори и затвори со македонски филмови, нешто никогаш порано не се случило. Се отвори со контроверзниот „Трето полувреме“, а се затвори со „Балканот не е мртов“.
Меѓу другото, оваа година на фестивалот се одржа Првата балканска конференција на кинематографери во која учествуваа врвни уметници од областа на седмата уметност и безрезервно зборуваа за своите идеи и проблеми со кои се соочуваат во денешницата. Конференцијата беше организирана од страна на Европската организација на кинематографери ИМАГО со претседателот Најџел Волтерс, со поддршката на директорката на Манаки, Лабина Митевска.


Фестивалот годинава се одржа од 15-ти до 21 септември, но тоа секако, не промени ништо, оние кои сакаа да уживаат во добар филм, успеаа да го направат тоа без никаков проблем. Низ црвениот тепих на Манаки оваа година поминаа врвни уменици од нашето и светското тло. Од странство ја имавме Кетрин Денев која сосема заслужено го доби целосното внимание со своето досигнување во долгогодишната кариера. 
Добиник на златна камера 300 гордо ја подигна Јоланта Дилевска за нејзиниот филм „Во мрак“, сребрената отиде кај Алишер Камидкоџаев од Русија за филмот „Да се живее“, додека бронзената беше доделена на Лука Бигаци за „Ова мора да е местото“.


Од категоријата „Нови Визии“ наградата отиде кај Дејвид Редекер од Велика Британија, додека мала златна камера доби Васко Вијана со филмот „Рафа“. Специјална Мала камера 300 доби Владимир Самоиловски за краткиот филм „Бардо“. Церемонијата на доделување награди започна со доделената Златна камера 300 за животно дело на Лучијано Товоли, италијански кименатографер од страна на министерската за култура Елизабета Канчевска-Милевска.
За да ги погледнете сите фотографии преминете на овој линк.


Подготви: Емилија Петреска


Monday, September 17, 2012

Активација, мотивација!!


       




 Млади, па каде сте вие?! Нашите Неготинчани, активни волонтери во  Центарот за Регионален Одржлив Развој ги собраа своите свежи идеи и стапија во акција. Веќе задоволни од своите успеси со претходно организираната волонтерска платформа за денот на Европа како и пропратниот флеш моб, овој пат на поинаков начин ќе Ви го покажат филмот кој тие вистински го живеат. Се работи за документарец со кој младите целат на тоа да се изјаснат како тие се дел од општеството и како волонтери се засегнати во повеќе сфери.


         Овој проект е во координација на Емилија Андонова и италијанскиот волонтер Анџело Распанте и е дел од палетата проекти од оваа година при оваа органзација.  Младите создаваат, креативно се изразуваат и воедно помагаат вклучени во заедниците, затоа ќе ни пласираат содржајни минути.Се работи за еден проект со кој Центарот за Регионален Одржлив Развој открива за важноста на волонтеризмот врз личниот развој како и заедницата. Дали младите рационално го користат своето време или се комплетно влезени во утопијата на социјалните мрежи. Колкумина од младите воопшто знаат за проектите и организациите кои им се нудат, колку можат а колку сакаат да дознаат за истите.  Моментално овој мини филм е во изработка и на него се работи со полна пареа.



            Снимањата се одвиваат на токму очекуваните места каде постојано ги гледате лицата на овие амбициозни млади, па не се изненадувајте доколку фатете некоја улога во нивна режија. Нека вашата имагинација за бескрајната креативност на младите проработи додека документарецот не биде прикажан до крајот на месецов. Дотогаш им преостанува многу работа и секако многу забава. 




                                                                                                Анета Трајкова 

Tuesday, September 11, 2012

Тиквешки гроздобер 2012



И оваа година, како и секоја претходна, се одржа традиционалниот фестивал Тиквешки Гроздобер во Кавадарци. По повод ослободувањето на градот, фестивалот започна на 7ми септември и траеше три дена.


Настани кои посебно го одбележаа овогодинешниот фестивал беа моторџиите, кои што беа дел од мото-релито што се возеше низ државата по повод  независноста на Македонија, кои го посетија, а воедно и разбудија градот.

Потоа посебен дел од трите вечери заслужија и Галија, Ван Гог, Дубиоза Колектив и нашите Нокаут. За секој имаше по нешто. Љубителите на вино можеа слободно да се релаксираат со чаша добро вино и скара, љубителите на музика танцуваа и пееја до раните утрински часови, а обожавателите на високите октани можеа да уживаат во звукот на стотината мотори и да плакнат очи на изложбата на олд тајмери.

Како и да е, на крајот од денот  сите се вративме дома, сумирајќи ги импресиите од изминатиот ден. Секој нареден е подобар од претходниот, затоа следниот пат потрудете се да бидете таму! Проследете ги фотографиите и уверете се сами!



Подготви: Сања Станкова


Friday, September 7, 2012

Ден на независноста на Република Македонија

8-септември за целиот македонски народ е познат по тоа што ја празнува својата независност. Со празнувањето на овој празник Македонците ја празнуваат својата самостојност, сувереност и најважното за секоја држава, независноста.

Според податоците расположливи од нашата историја на референдумот кој бил одржан на 8 септември 1991 година со убедливо мнозинство од 95 % од граѓаните позитивно одговорија на референдумско прашање: „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија“?

На гласањето, според официјалните податоци, од 1.495.626 гласачи излегле 1.132.981 граѓанин со право на глас или 71,85 отсто, а од вкупниот број граѓани кои гласале на Референдумот позитивно се изјасниле 1.079.308 граѓани односно 95,09 отсто (односно 72,16 % од вкупниот број на граѓани со право на глас).
 Резултатите само по себе говорат за успешноста на Референдумот. Во официјалниот извештај на Комисијата за спроведување на Референдумот се вели дека за начинот на кој беше спроведен не беа поднесени приговори или жалби поради неправилности или повреди на одредбите на Законот за републички Референдум. 
Комисијата ја констатирала масовноста на граѓаните со право на глас во Македонија кои се изјасниле "за" самостојна и суверена Македонија.
На референдумот му претходела Декларација за независност што првото повеќепартиско Собрание на Република Македонија Македонски Парламент ја усвоила на 25 јануари 1991 година.
За оваа година, е предвиден огромен спектакл во арената „Филип Втори“ во Скопје со почеток во 20 часот на кој ќе настапуваат врвни изведувачи од македонската и балканската сцена, како што се: Јосипа Лисац, Жељко Бебек, Нина Бадриќ, Борис Новковиќ, Тереза Кесовија, Дадо Топиќ, Александра Радовиќ, Аки Ракимовски, Горан Каран, Сергеј Четковиќ, Јелена Томашевиќ, Антионија Шола, Калиопи, Каролина Гочева, Мики Јовановски Џафер, Ристо Самараџиев, Есма Реџепова, Влатко Лозановски, Владо Јаневски и Оливер Мандиќ и триото Тавитјан кое ќе го промовира својот нов албум „Македонското срце чука во 7/8“.
За сите оние кои се заинтересирани да го посетат настанот треба да знаат дека влезниците се по симболична цена од 20 денари, а од секој град ќе бидат пуштени автобуси кои бесплатно ќе ги однесат граѓаните до главниот град. Од Неготино, автобусите ќе тргнуваат во 14 часот пред 11-катницата.
Настанот одамна се подготвува со специјални ефекти, бини, како и со голем број на генерални проби.Затоа, нека ни е честит празникот и за многу години, а оние кои ќе присуствуваат на нстанот се надеваме дека убаво ќе си поминат ...


Подготви: Емилија Петреска

Monday, September 3, 2012

Струшките вечери на поезијата - најстар фестивал во светот!


Мостот на поезијата
Дали знаете кој е најстариот фестивал во светот кој 51 година се одржува континуирано... Срамота за сите што не сте знаеле, а живеете во Струга! :P

За прв пат во 1962 година започнуваат СТРУШКИТЕ ВЕЧЕРИ НА ПОЕЗИЈАТА, со серија читања на група македонски поети во чест на браќата Константин и Димитар Миладинов, големи интелектуалци, учители и писатели, родени во Струга во почетокот на XIX век. Константин Миладинов се смета за зачетник на модерната македонска поезија и секоја година фестивалот официјално започнува со неговата незаборавна поема “Т’га за југ”, напишана за време на неговиот студентски престој во Москва. 

„Т’га за југ“ - испишана на сите јазици
Наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга издадена во Република Македонија меѓу два фестивала се воспоставува  од 1963, кога и голем број поети од сите југословенски републики му се приклучуваат на фестивалот.

Во 2003 година СВП и УНЕСKО ја воспоставија наградата “Мостови на Струга” за најдобра дебитантска поетска книга од млад автор од целиот свет. 


Подоцна Фестивалот преминува во интернационална манифестација која редовно секоја година вклучува извонредни поети, писатели, есеисти и разни литературни дејци од светот. За сиве години постоење, Фестивалот пречекал околу 4.000 поети, преведувачи, есеисти и литературни критичари од дури 95 земји од светот. 
Во позадина - знамињата кои се поредени покрај Дрим, а ги има од сите земји на светот за време на Фестивалот.

Овогодинешните 51-ви Струшки вечери на поезијата се одржаа од 23-ти до 26-ти август традиционално во Струга каде што маса од луѓе, како Стружани, така и туристи присуствуваа на поетските читања.

Наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга меѓу две изданија на фестивалот Струшки вечери на поезијата за 2012 година му беше доделена на македонскиот поет Милош Линдро за делото „Основите на небото“. Признанието „Мостови на Струга“, што УНЕСКО и Струшките вечери на поезијата го доделуваат за најдобар поет-дебитант му припаднана на Французинот Франсоа Зарие Мегло, додека наградата за најдобар македонски поет во дијаспората - „Иселеничка грамота“ ја понесе Ивица Челиковиќ од Гетеборг, Шведска.


Освен од Македонија учествуваа истакнати поети и од Азербејџан, Франција, Индија, Куба, Ирак, Сирија, Мароко и т.н.

Мостот на поезијата каде се одржува последниот ден од Струшките вечери на поезијата.


Доживувањето да се биде дел од овој настан, па макар и на петнаесетина минути во делот од публиката е непроценливо доживување.



Елена Данова

Ептен мултикултурно - Ептен незаборавно!

Се’ започна на 20-ти Август, кога група од пет млади талентирани и потенцијални идни лидери се собра во просториите на Еурохотел - Струга и таму започнаа лидерските обуки. Овие т.н. лидерски обуку потрајаа четири дена по што следуваше пристигнувањето на останатите дваесетина учесници на летниот камп НАСЛИКАЈ МИР, инаку голем проект на Совет на Европа.

Оние почетни четири дена петте лидери ги искористија максимално преку својата редовност и активност за време на предавањата со цел да стекнат што поголеми лидерси вештини и добро да се обучат за својата претстојна задача во наредните шест дена. Задачата на лидерите не беше воопшто лесна, па со самото пристигнување на останатите учесници на 24-ти август тие ја имаа задачата да ги пречекаат и упатат во сето она што следи. А она што следеше не беше ништо помалку од незаборавна и беспрекорна забава и екстремно брзо меѓусебно интегрирање.


На кампот се обработуваа повеќе теми од кои е засегнато нашево општество, па затоа овде се обработи темата околу конфликтот и мирот, па мултикултурата, човековите права и така натаму се до најтешкиот дел - разделбата. Сите учесници, без исклучок изјавија дека нешто подобро не доживеале, дека ова им било најнезаборавното дружење до сега. А да ги видевте, навистина ќе се уверевте дека е така!





Најдоброто од се на овој камп можеби беше одличниот интеркултурен дијалог кој учесниците многу лесно го воспоставија уште од првиот ден. Помеѓу учесниците имаше македонци, албанци и турци, така што мултикултурата ги сплоти сите. Секој беше заинтересиран да научи нешто повеќе за другата култура на живеење, поразлична од сопствената. Кога не можеа да се разберат во целост, учесниците правеа вистински јазичен микс, малку македонски, малку албански, малку англиски, па на крај се’ беше совршено јасно. И дефинитивно, се создадоа пријателства за цел живот!



Сепак, најголемата привилегија која ја имаа учесниците на кампот НАСЛИКАЈ МИР беше сликањето на платно и изложбата на насликаните дела на тема МИР, која најверојатно ќе се одржи околу 17-ти Септември годинава. Додека сите ја очекуваме изложбата, лидерите имаат уште една привилегија - да организираат сопствена еднодневна обука во своето место на живеење. Младите во Неготино, Кавадарци, Кичево, Тетово и Струга ќе имаат прилика да учествуваат на ваквата еднодневната обука. А за останатите... Камперите и организаторите на НАСЛИКАЈ МИР ве очекуваат на изложбата!


Елена Данова