Search

Thursday, June 28, 2012

"Жената која ги избриша своите солзи" пристигна и во Неготино

Најновиот филм на Теона Стругар Митевска "Жената која ги избриша своите солзи" неделава ја имаше својата премиера во Неготино. Како наш преставник на Берлинскиот филмски фестивал филмот продолжи да се прикажува низ цела Македонија.
Филмот започнува со самоубиството на Ноа, синот на Хелена, лик кој го толкува извонредната Викторија Абрил. Од својот син таа дознава дека нејзиниот сопруг го злоупотребувал што за неа е неприфатливо. Во момент на делириум момчето се фрла од терасата што за неа значи губење на нејзиниот живот и започнување на еден нов каде постоела само одмаздата.
Од друга страна пак, во Македонија, поточно во радовишките села, живее Ајсу, во изведба на Лабина Митевска, со нејзиниот син Илкин. Таа ги поминува своите денови од животот чекајќи го Лусијан, нејзиниот вереник, а притоа ги извршува должностите на една девојка од патријахалните семејства.

Низ филмот може да се забележат многу белези на двете култури. Франција, со своето модерно општество и Македонија со својата едноставност и традиција. Овие две жени се всушност два света кои ги спојува едно нешто, љубовта кон нивните деца. Кога Хелена го губи својот син, таа ќе направи речиси се' за тој, ако ништо друго, да почива во мир, додека Ајсу сака да го спаси нејзиниот син од суровата реалност на животот, па затоа постојано му раскажува убави работи за неговиот татко Лусијан, иако ни таа самата не знае што всушност тој работи во Франција.

Шумите на Македонија со својата убавина ќе го донесат расплетот на приказната. Овде започнува ловот на Хелена за својата одмазда, а Лусијан се ослободува од единствената пречка која стои помеѓу него и Ајсу.
Одличните кадри и спојот кој е направен помеѓу овие држави ги доби заслужените позитивни критики од филмските критичари, како на Берлинале, така и овде. На вас останува само да го погледнете филмот и да уживате!




                                                                                                  Емилија Петреска

No comments:

Post a Comment