Search

Sunday, March 18, 2012

Мировната мисија на волонтерот Остин Фаст



Во интервјуто кое ќе го проследите ја имавме можноста да позборуваме со американскиот волонтер Остин Фаст. Доаѓајќи дури од Хевиленд, Охајо, за да им помогне на младите во нивното образование од областа на англискиот јазик и пишувањето, ќе ни раскаже за тоа како се здобил со идејата да биде волонтер, со кои сè активности им помага на младите и два- три збора за Мировниот Корпус во нашата држава. Но, исто така ќе ни каже нешто повеќе за проектот кој според него успешно го реализира со учениците од средното општинско училиште “Св. Кирил и Методиј” од Неготино.

  1. На почетокот, што очекувавте од Македонија како држава? Како ја замислувавте нашата држава и луѓето во неа? Дали веќе знаевте некои работи за Македонија?
-          Бидејќи имав доаѓано во Македонија пред да дојдам со Мировниот Корпус, знаев малку за земјава. Знаев дека народот е многу топол и пријатен, и дека земјава е прекрасна – полна со убави погледи. Малку бев поспремен од другите волонтери бидејќи многу од нив воопшто не знаеја за Македонија и не знаеја што нè очекуваше.

  1. Како започна целата оваа приказна со волонтерството? Размислувавте долго или пак беше одлука донесена во еден момент? Како реагираа луѓето околу вас( вашите родители, пријатели..) во врска со вашата одлука? Што помисливте најпрво кога го видовте вашето име како дел од листата на волонтери?
-          “Во Америка, волонтерството е важна вредност што ja учиме како млади. Кога бев ученик во средно училиште моите другари и јас одевме во домови за стари лица за да бидеме волонтери и да донесеме некоја радост во животите на старите од домот. Пред да дојдам во Македонија со Мировниот Корпус, бев на пракса во Приштина како новинар во Косово Лајв. Кога бев во Косово, гледав многу сиромаштија и тажни работи и сакав да направам сé што можам за да му помогнам на Балканскиот регион. Тогаш патував до Охрид и многу ми се допаѓа овој регион од Балканот. После враќањето од Косово, кога бев апсолвент, апликацирав во Мировниот Корпус. Тоа беше долг процес со пишување на есеи и интервјуа. Не знаев дека ќе дојдам во Македонија, но им кажав дека сакав да дојдам во источна Европа. Кога стигна писмото од Мировниот Корпус што ми кажа дека ќе дојдам во Македонија бев многу среќен, бидејќи сакав да правам нешто различно со мојот живот. Многу луѓе во Америка одат на факултет, завшуваат, а после работат 35 години и одат во пензија. Сакав да правам нешто поинакво – и да добијам спомени што ќе можам да ги носам со мене целиот живот. Моите родители и родини ми даваат поддршка, ама секако мене ми недостигаат, а и јас им недостигам на ним. Важно е дека сум многу среќен што дојдов и ние се снаоѓаме со оддалеченоста.”


  1. Можете ли да ги споделите со нас главните цели на секој волонтер? Кои се неговите задачи по пристигањето овде?Кон каков резултат се стреми секој волонтер? Има ли разлики во активностите или пак секој волонтер е обучен да ги прави истите активности?
- Мировниот Корпус како организација има три главни цели:
    1. Да се oбезбедат вoлонтери штo ќе дадат свoј придoнес вo развojoт на заинтересираните земји преку размена на инфoрмации и искуства.
    2. Да пoмoгне луѓето од овие земји да имаат подобро разбирање за луѓето од Америка.
    3. Да пoмoгне луѓето од Америка да стекнат подобро разбирање за нарoдите ширум светoт.
Во Македонија, секоја есен доаѓаат околу 40 нови волонтери што ќе бидат испратени во градови секаде во Македонија. Во текот на првите 3 месеци сите нови волонтери живеат со македонски и албански семејства во неколку градови и села во Македонија. На пример, јас живеев во Лозово, помеѓу Велес и Штип. За време на обукава, волонтерите го учат јазикот (македонски/албански), културата, и како да се успее тука. После тоа, канцеларијата во Скопје ги праќа волонтерите да работат во школи, општини и невладини-организации.
Ние волонтерите може да работиме со тоа што најмногу нè интересира. На пример, јас сум новинар. Колегите ми кажаа дека има голем интерес кај нашите ученици за додатни активности и тоа е затоа што сакавме да започнеме клуб за млади новинари во Неготино, за да им дадеме некоја нова можност да научат нешто убаво и да добијат нови вештини.   

  1. Вие ли бевте оној кој го создаде списанието TNT или подобро кажано Teen News Thunder со помош на професорот Тодор Пашлаков? Како е да се биде на чело на ваков проект бидејќи во една прилика веќе кажавте дека сте новинар?Кои активности им помогнаа на младите да се инфомираат подобро и да ги зголемат нивните идеи?

-          Ниту јас, ниту Професор Тодор Пашлаков го имаме создадено клубот “ТНТ Тин Њус Тандер. Тој е сосем создаден од ученици што доаѓаат на секоја средба носејќи ги нивните позитивни ставови и желба да се обидат и научат нови работи. Тодор и јас само сакавме да им ја дадеме можноста за да пробат нешто ново, да ги вежбаат своите вештини на пишување и англиски јазик. Сосем сум задоволен со нашите млади новинари и многу ме восхитуваат нивните посветеност и енергија за овој проект. Нашите ученици ги надминаa моите очекувања со првиот број во декември и јас сум возбуден да видам каде ќе одат оттаму. На секоја средба, спремам некои активности и предавања за некој дел од новинарството, без разлика дали станува збор за фотографија, пишување, правење на интервју, работење со програмите за компјутерски дизајн, новинарска етика, итн. Се трудам да наоѓам интересни активности така што учениците може да уживат додека учат нешто ново. Tука сум само како советник – сето тоа што го имаме направено е од самите ученици и нивната иницијатива.

  1. Колку членови брои списанието? Сметате ли дека овој број ќе се зголеми со текот на времето и дали младите го подобрија својот англиски после овие активности?

- Има околу 30 членови во нашиот клуб, со 13-15 најактивни што доаѓаат на секој состанок. Не знам дали ќе доаѓаат поголем број на ученици во иднина, ама многу би бил среќен ако клубот продолжи да расте и во следниве години.
Мислам дека ова е добра шанса за учениците да го вежбаат англискиот јазик (и устен и писмен), ама за мене најважно е да научат нешто за новинарството и да се дружат заедно. И во Македонија и во други земји, младите премногу само седат на Фејсбук а не учествуваат во нешто креативно. Новинарството може да ги научи младите на важни вештини за нивните животи: на пример донесување на одлуки, тимска работа и комуникациски вештини. Поради тоа, од почетокот Тодор и јас се трудиме да им ги објасниме принципите на новинарството и на македонски и на англиски за да ги вклучиме сите ученици што сакаaт да учествуваат. Сега во тековниот број има и статија на францускит јазик, а учениците може да се вклучат со статии на било кој јазик кој го познаваат! Новинарството не зависи од тоа кој јазик се користи – зависи од принципите на добрата форма и пишувањето - нешто што се обидуваме да ги научиме нашите ученици. Јазикот не е важен, важно е создавањето на добри писатели.

  1. Можете ли накратко да ни го претставите списанието?Од кои рубрики е составено? За што најмногу е заинтересирана младата популација да пишува? Има ли некоја посебна организација во нивната работа?
- Нашето списание има неколку рубрики и делови што беа разделени на три одговорни уредници со главен уредник над нив за тековниот број. Тие три секции се новости, уметност и култура, и живот и спорт.
Во овие секции влегуваат статии за мода, здравје, филмови, мистерии, поезија, за сè што сакаат учениците да пишуваат. Тодор и јас не сакаме да ги ограничиме  младите новинари, а поради тоа ние ги поттикнуваме да го следат она што најмногу ги интересира.
За првиот број немаше таква организација и мислам дека членовите на клубот разбраа дека мора да има за да бидеме поефикасни. Овие проблеми на кои наидоа се проблеми со кои се среќаваат профеционални новинари во целиот свет, и мило ми е што учениците сами ги најдоа проблемите и пробаа да ги решат.

  1. Како дојдовте до идејата за името, што морам да напоменам дека е многу уникатно и нè потсетува на познатите AC/CD? Имаше ли некои реакции за името, бидејќи кога го кажуваме со кратенка ни доаѓа TNT, што прво асоцира на динамит? J
- Името навистина ми е интересно. На првиот состанок учениците дадоа неколку опции. Мислам дека имаше околу 6 различни имиња. Учениците дебатираа околу истите, а потоа тие изгласаа. Ми се чини дека најмногу им се свиѓаше ТНТ. Кога ја слушаме таа кратенка, веднаш мисламе на динамит. Мислам дека токму поради тоа, учениците најмногу го сакаа тоа име. Тие сакаа нешто незаборавно, бидејќи сакаат да прават динамично списание што ќе ги интересира сите млади во Неготино и во Македонија.

  1. Имате ли некои посебни моменти поминати со вашиот тим, со вашите волонтери, бидејќи колку што знам вие спомнавте дека секоја работа е извршена од нив самите, од пишување на статии па сè до дизајн, како вистински волонтери,зар не?
-          Пред да си одам за Америка во декември на Божиќ, си поминавме една убава вечер кај радио-станицата во Неготино каде работат и неколку членови на нашиот клуб. Таа вечер исто така го завршија првиот број и беше спремен за објавување. Учениците имаа победоносно расположение и јас бев (и сеуште сум) многу горд  на нив и сето тоа што тие го постигнаа сами.

  1. Во текот на разговорот, спомнавте дека има некоја нова рубрика. Па, кажете ни нешто повеќе за тоа? Која е целта на новата рубрика именувана како Дописник?
-          Дописник е нова рубрика каде секој средношколец во Македонија може да пишува за она што го интересира. Со тоа што ќе прати негова колумна на одредена тема или пак некој есеј, расказ за некоја интересна случка поврзана со младите. Заинтересираните за ова може да ни пишуваат на нашиот фејсбук профил и да очекуваат нивното дело да биде објавено.
  1. Каде можеме да го пронајдеме списанието ако некој е заинтересиран за да го прочита.Можете ли да ни кажете некои информации во врска со тоа?
-          Имаме профил на Фејсбук и може да се најде првиот број на:
      http://www.joomag.com/en/magInfo/0032139001323531203


Изработка:
Емилија Петреска

Нашиот иден свет



                Во едно катче од вселента, постои едно планетче. Иако мало во него се збрани суштества со големи срца. Колку и да се незначајни, тие се засега претставни на најсофистицираниот живот. Она што ги праве такви не се големите зданија што ги создале, или пак моќта за господарување, туку нивното заедништво. Тие неважно дали се расцепкани на сите страни, на крај се вплотуваат во едно. Чувството на човечност и способноста за помагање на едни со други ги издигнуваат над другите. Но како минува времето почнува отворено да се дискутира за совршенството на заедницата.
Имено, луѓето, особено помладите при своите социјализации го наговестуваат прашањето за тоа што е целта на животот. Со други зборови, поимите нечовечност, недоверливост, нееднаквост и омраза се се почесто застапени во секојдневието. Влегувајќи во кругот на млади ќе забележеме дека се повеќе ја губат довербата во човечкиот род и во силата на природата. Се разбира, се бара алтернатива. За нив глобализацијата, која инаку е неминовна, е нешто што се случува пребргу и за кое треба темелно да се размислува и полименизира. Како додаток на ова се потенцира се поголемата и позачестена употреба на интернетот, кој иако изобилува со позитивности, го претвори општеството од една нормална природна заедница во вештачка и виртуелна.
 Поистоветувајќи се на временската трака се забележува замена на зборот апстаракција, замислено, со виртуелност, недопирливо, скриено. Затоа досегашнита социјализација и комуникација станува рудиментална и заменета со едно навистина софизално чудо на квазимодернистичкиот свет. Тоа е единствената причина за појава до меланхоличност кај луѓето. Ние правиме се само не се дружиме едни со други, што резултира со појава на човекоманија. Оваа анормална појава со текот на времето преминува со мономанија, т.е. ние би умреле само за да презбореме еден збор со некое друго битие.
А за да биде се уште понихилистичко, од неодамна се појави можноста, луѓето да прават се што ќе посакаат електронски. Сега, наместо прошетка до град, ќе издадеме една наредба со нули и единици и се ќе биде во ред. По неколку години ова што се промовира денес и кое е фамозно и непознато ќе стане тривијално. Би било неморално, а да не се напомене алтруизмот на машините и нивната преданост при извршување на наредбите. Но каде е тогаш човечкиот род и што со него?
Нашата раса е конформистичка, што е и една од причините поради која оваа ера ќе дојде бргу. Склони кон новости, самите ќе се деградираме и дискриминираме, асимилирајќи се во едно. Не дека сегашниот свет нема опскурност, но сите тие се контролираат во границите на нормала. Продлабочувајќи се во овој факт на современоста, се повеќе се депресираме од човечноста. Етиката на однесување се менува, а ние како живи суштества сме изложени на радикалистичко менување на основните начела на светот. Гледајќи го погрешното реформирање, нашиот интелект се дестабилизира и станува нихилистичен. Во него се пројавува голема аверзија кон новиот поредок, а и потреба од целосна катарза на внатрешноста.
Консеквентните промени се неизбежни. Осврнувајќи се на минатото и поистоветувајќи се на идурстријализмот како на најголемиот подем на тогашниот свет, може да се забележи дека никој не и избегал на иднината. Но, едно е сигурно: „Никој не може да знае што иднината крие за нас!“. Можеби во неа се крие клучот за постоењето на човекот, а и на самата галаксија. Ако ги задржеме старите традиции, навики, нарависе прогласуваме себе си за конзервативци, што доведува до раздор меѓу нас. Едниственото решение на сето ова е наоѓањето на баланс меѓу минатото, сегашноста и  иднината, што би не довело до она исконското за кое сме биле создадени. Сите други фракции и филозофии би ја измачувале душата предизвикувајќи неурамотеженост и инхибираност при восприемањето на новите вредности и принципи на модернистичкото живеење. Оваа транзиција на вертуелната глобализација, која го апострофира виртуелниот човек – машина како клучен сегмент на реалниот човек, ја доведува вредността на битието до пиедесталот на самогубење, сега, тогаш и во иднина, во бурните води на океанот наречен „СВЕТ“.

Илија Николов

Свети Трифун или Свети Валентин ?


14- Февруари е ден кога сите празнуваат. Оние поромантичните го слават Св.Валентин (но и тие не оставаат да не се префлат на другото славење), а оние пак другите што по ‘’малку’’ потпивнуваат Св. Трифун.
Сигурно веќе знаете за историјатот на овие два празници па нема многу дабидам досаден околу тоа.
Свети Трифун е праник кој што тој ден се празнува по јулијанскиот календар
односно во православието,додека пак Свети Валентин го празнуваат католиците по грегоријанскиот календар,но  овој ден веќе  се смета за меѓународен ден за сите вљубени во светот и популарно се нарекува Денот на Вљубените.
Свети Трифун роден  во селото Кампсада во Фригија од сиромашни родители се смета за заштитник на лозарите и винарите.Тој умрел во 250г.кога е осуден на смрт со меч.На денот кога се слави овој празниик традицијата вели дека за првпат на овој ден се закројуваат лозјата.Бидејќи лозарството во нашата земја е најразвиено во Тиквешијата токму тука најмногу се слави овој празник со вино и греана ракија после закројувањата на лозјата што се прават за да биде бериќетна Новата Година.
Свети Валентин е христијанин кој живеел во времето на римскиот цар Клаудие II. Убиен е во 269 година со отсекување на главата. На 14 февруари се слави
неговото преселување во Вечноста.
 Денот на вљубените е пагански празник што според некои овој празник нема врска со Свети Валентајн и тоа е понижување и правење на пародија од неговото заминување во вечноста наречено Ден на Вљубените.Исто так Свети Валентајн се смета и за заштитник на морепловците.

Свети Валентин или Свети Трифун-тоа е дилема која што не треба да ве мачи.
Едноставно на тој ден е дозволено и малку повеќе да се напиете затоа напиете се и изгушкајте се со вашите најмили.А ако немате каде да одите за Свети Трифун тогаш дојдете во Тиквешијата затоа што на тој ден таму е централната прослава за овој празник.Само еден совет: немојте многу да се опиете за да не предизвикате можни кавги и недоразбирања затоа што во виното е вистината,а секако и ако премногу се напиете ќе ви биде криво затоа што тој ден ќе го преспиете.

А патем еве и
една моја творба напишана токму за Свети Трифун:
                                                   
 Тапаните пиштат,
оро големо се вие
и рујно вино
везден се пие.
И стари и млади,
на оро фатени
со чашата во рака                                                                                 
земјата да биде плодна
и годината да е родна.
наутро на лозје,
а на пладне на славје.
Во тиквешко поле
сите се само веселат
Св.Трифун го слават.                        
                                                                                  Мите Јаначков



Friday, March 2, 2012

Волонтеризам и успех




Во овој број на нашето списание ( одсега па натаму и на нашиот блог), ќе се запознаеме со една организација што меѓу младите низ Македонија е позната како YES Alumni. Оваа организација им нуди на сите заинтересирани  многу шанси за успех и полно интерактивно време. За тоа што сè е потребно за да се биде дел од организацијата и кои можности ни ги дава ќе Ви откриеме во интервјуто со Христина Трифуновска, алумни координатор, која безусловно ни одговори на прашањата.


1.      Најпрво, можете ли да ни кажете нешто за историјатот на оваа организација? Кој е главниот “виновник” за постоењето на организацијата и како таа се развила во Македонија?

-          “Алумните се всушност членови на т.н. YES Алумни асоцијација односно  учениците кои успешно ја завршиле YES (Youth exchange and study) програмата, под покровителство на невладината организација Американски совети за меѓународно образование а финансирана од Стејт Дипартмент на УСА. Веќе има две генерации што успешно ја завршиле oваа програма, и група ученици кои моментално се дел од неа, односно поминуваат една година во САД.”

2.      Какви сè проекти се реализираат овде? Има ли некое ограничување во возраста за оние кои сакаат да бидат дел од организацијата?

-          “Алумните организираат најразлични хуманитарни настани, проекти кои ја подобруваат заедницата во која што живееме. Како примери би ги издвоила:
·         "Giving to Our Seniors - Winter Lottery”- каде што група алумни го посетија домот за стари лица ``Мајка Тереза``, каде што поминаа неколку часа имајќи и лотарија.
·         ``The kids are our future``-дониравме опрема во градинката во Ресен.
·         ``Тhanksgiving``- настан каде соработувавме со Американските катчиња од Битола и Скопје.
·         ``Handmade happiness``- дониравме средства во здружението ``Дајте ми крилја`` преку продажба на рачно изработен накит.
·         ``Насмевки под маски``- помогнавме во лекувањето на лице кое страда од аутизам преку организирање на хуманитарна забава.
-          Во поглед на возраста, за да станеш дел од YES програмата мора успешно да ја завршиш програмата (1 година во САД), да бидеш на возраст од 15-17год, па според тоа како што кажавме и претходно, стануваш и дел од алумни асоцијацијата. Меѓутоа, доколку некој кој не е алумна a сака да учествува во активности на алумните е повеќе од добредојден и нема никакви ограничувања.”


3.      Каде можат заинтересираните да аплицираат за програмата? Какви сè услови треба тие да исполнуваат?

-“Потребните кфалификации за YES програмата се:
·         Да бидат запишани во прва или втора година средно училиште;
·         Да ги исполнуваат условите за Ј-1 виза/ SEVIS услови за години на учениците од средно образование;
·         родени помеѓу 1 јануари 1995 и 15 јули 1997 (ова се менува секоја година)
·         Ученици со инвалидитет родени меѓу 15 март 1994 и 15 јули 1997 и кои сеуште не матурирале во средно училиште, се во можност да аплицираат за YES програмата
·         Да бидат многу доби или одлични ученици;
·         Да имале претходно часови по англиски јазик (кандидатите мораат да го покажат своето познавање на англиски јазик за време на регистрацијата);
·         Да ги исполнуваат условите за виза;
·         Да бидат државјани на YES земјата од која што аплицираат (Р. Македонија).”

4.      Што им советувате на младите во случај да сакаат да бидат дел од програмата? На што сè треба да внимаваат?

-“Да бидат упорни, истрајни, да имаат голема желба да учат една година во САД, да ја запознаат Американската култура и споделат својата.”

5.       Можете ли да ни кажете нешто повеќе за искуството со кое се стекнуваат младите при размената? Со какво знаење тие се збогатуваат?

-          “Учесниците се запознаваат со културата на Америка истовремено споделувајќи ја својата, стануваат независни личности спремни да се соочат со секакви предизвици во животот, подобро ги разбираат потребите на опшеството и се подготвени да помагаат, волонтираат во разрешувањето на проблемите во нивните заедници.”   



6.      Со кои сè други организации е во заедништво Alumni организацијата? Дали таа може да помогне во случај на некој талентиран студент? Колкава поддршка дава Alumni?

-          “Алумни асоцијацијата соработува најмногу со Американските катчиња низ земјава но исто така била инволвирана и со здружението ``Дајте ми крилја``, со ``Македонски зори`` и сл.
-          Алумни асоцијацијата би им помогнала на сите па и на посебно талентираните студенти со тоа што им дава можност да учествуваат во сите нивни активности, а исто така, преку YES програмата им дава можност да поминат незаборавна година бесплатно во САД.”


7.      И за крај, кое е мотото на оваа организација?

Волонтеризам и успех!

Ако сакате да знаете повеќе...

Сите заинтересирани за оваа програма можат да се обратат во канцеларијата на Американски Совети за Меѓународно Образование, во Скопје, ул. Карпош 2 бб или на телефоните 02 30 99 474 или 02/ 30 76 522 и 070/755 083, исто така и по е-маил skopje@americancouncilssee.org. Контакт лице Велика Ангелкова- Директор на канцеларијата, Весна Маркоска –Асистент и Христина Трифуновска – Алумни Координатор.


Емилија Петреска

Владимир Блажевски вели: “Панкот не е мртов”






Во третиот број на нашиот весник "TNT", па и на нашиот блог, можете да го сретнете интервјуто кое успеавме да го направиме со нашиот познат филмаџија, Владимир Блажевски. Изминатиов период тој беше една од најчесто споменатите личности во областа на филмот и тоа токму за неговиот филм "Панкот не е мртов", за кој ќе позборуваме во следново интервју. 

Уживајте! 

1.       За да би го скршеле мразот, можете ли да ни кажете за вашите почетоци? За љубовта кон филмот? Некоја посебна мотивација или пак некоја анегдота поврзана со она што сте денес, еден фантастичен филмаџија?

За жал, не се сеќавам на анегдоти. Веројатно било интересни и смешни работи, но системот од тогаш толку пати ми е ресетиран, да веќе нема место за такви спомени. Љубовта кон филмот, да. Во време јас кога станав „отруен„ со филмот, тој беше апсолутно најважна работа на земјината топка. Сите гледаа филмови и филмовите им беа битни работи во живот, дури и реперни точки. Се разбира, и јас бев со таквите. Ќе видиш некој филм и ќе бидеш во занес година дена. Секаде се расправаше за филмови, дури верувавме дека филмот може да го менува светот. Денес тоа , се разбира, го нема.  Не знам да кажам дали е тоа минус или плус. Мене лично ми недостига таа привилегирана, духовно аристократска, позиција на филмот. Се сеќавам да кога прочитав на огласната табла дека сум примен на студии по режија, меѓу 250 кандидати, сум мислел дека сум „фатил Господ за брада„.


2.       Како Владимир Блажевски ги поминувал своите тинејџерски денови, како млад “бунтовник” или можеби пак како “бубалица” ? Дали за време на своите “луди млади години” сметате дека најмногу може да се биде креативен и што би им сугерирале на младите кои имаат желба да се впуштат во светот на подвижните слики?

Повеќе сум бил бунтовник отколку бубалица. Зборам за времето на средно училиште. Школските обврски речиси воопшто не ме интересираа. Многу читав (базата на своја класична литерарна наобразба тогаш ја фатив), многу филмови гледав, театри, концерти, трибини, дискусии... Но и банални работи, спорт, забава, шлаење низ град, уличарски бадиалџиски живот... Се она што е вон школски задачи. Дури после разбрав дека тоа било блиску до некаков си „џек лондоновски„ концепт на акумулирање искуства. Не можам да кажам дека ми е жал што не посветував повеќе време на школо и институционално учење. Единствено сметам дека сум бил глуп што не се обидов да учам некој инструмент да свирам. Тоа вистина ми е криво. Им завидувам на луѓе што свират.

А да биде креативен човек може секогаш. Младоста носи еден тип на дарба, зрелоста поинаков. Не ги споредувам. И не сум мераклиа на совети давање. Не познавам човек што има послушано совет во живот. Некогаш ќе чуеш нешто умно во живот, патем, и тоа ќе ти се вреже како некаков компас во свеста. Но тоа никогаш не биле совети, нешто во смисла „види сине, јас нешто да ти кажам...„ Малце чудно звучи тоа кога ќе го каже човек кој еве веќе 17 години по дифолт треба да ги советува помладите што и како да прават. Доколку моите студенти нешто имаат прифатено од мене, тоа било со личен пример и со рамноправен моабет. Политичари уживаат да даваат совети. А нив не ги сакам.

3.       Која е најчесто пораката што сакате да ја испратете до секој гледач низ вашите филмови? Што е она што најчесто го критикувате, било во Македонија па и општо? Или пак Вие спаѓате во групата на луѓе кои сакаат да претставуваат позитивни работи и постојано се со оптимистички став?

Бегам од апла пораки праќање. Се обидувам моите филмови да имаат смисла, но не во вид на некаква дидактичка идеја, или како што некои го викаат  тоа – филозофема. Во македонскиот филм за жал имаше многу примери на такви наивни филозофеми испраќање. Џон Форд велеше дека кога ќе почуствува потреба да испрати порака, оди на Пошта. Денес би рекле Фејсбук, можеби.
А што се однесува до критикување, мислам дека филмот живее од несовршеноста на светот. Додуша, постојат и апологетски филмови, но мене таквите ми се несфатливи. Ако се свртиме околу нас, сега во Македонија, има миљон работи што се за критика.  Со моите пријатели во еснафот имаме една поговорка: што полошо за живот, тоа подобро за филм. Во таа смисла, земјава би требало да е златен рудник за филмски теми. Но за жал, не е.


4.       Дали сметате дека денес е тешко да се биде креативец, а да не можеш да ги реализираш своите идеи освен ако не си замешан во политиката или сл. ?Мислете ли дека тоа може да биде голем хендикеп, посебно кога сте на почетокот од својата кариера?

Мислам дека е неблагодарно да се биде креативец  поради тоа што духовните потреби кај луѓето се девалвирани. Времето е во кое како да никој нема потреба за креативци и духовни вредности. Тој што тежнее кон такви духовни димензии, може дури да испадне и смешен. И сметам дека тоа е вистина тежок хендикеп за млади луѓе, на почеток од својата кариера.

5.       Што всушност претставува за Вас филмот и зошто филмот е важен сегмент од нашите животи?

Ова е едно screwball прашање, за кое или треба 10 странички текст за да се одговори, или  инстант шега.  Но сепак ќе се обидам. Сеуште многу, многу го сакам филмот. Поинаку него тогаш кога година дена ќе бев во занес после гледање на некој филм, но и понатаму со страст. За мене филмот е токму тоа – голема страст. Ќе речеш, како за некој да оди по риба, или на комар. И јас ќе речам: да. Исто.

6.       Вашиот филм “ Панкот не е мртов”, стана голем хит меѓу македонската па и светската популација и тоа за краток период.  Што е главната причина за тоа според Вас? Се надевавте ли на ваков исход иако мора да се напомене дека вашиот филм спаѓа во групата на филмови реализирани со низок буџет? Од каде потекнува оваа приказна?

Ќе ви одговорам со една „демагошка„ фраза, дека за квалитет на филмот се побитни идеи отколку пари.  Секому му е јасно дека филмот е скапа дејност и дека само со идеи не се прави. Ние во екипата создадовме атмосфера на решителност да ги тераме работите до крај, за инает на условите.  Тоа се случува еднаш. Не може да биде правило.  Мене, како и моите главни соработници, не водеше потребата да бидеме искрени. Изгледа дека тоа во филмот сега се препознава. И изгледа дека тоа е една од важните причини зошто филмот проаѓа така како што проаѓа, по фестивалите надвор од Македонија.
Инаку, приказната е измислена. Ниту јас сум бил панкер, ниту некој голем фан на таква музика. Можеби одговорот на прашањето од каде потекнува оваа приказна е: од духовното братство со панкерската бунтаџиска идеологија. Таа ме има нафурано во филмот ептен силно. Ептен малце бунтовнички работи има во моментов околу нас. И ете така се фатив со панкот.

7.       Можете ли да ни кажете нешто повеќе за соработката со актерите во филмот “ Панкот не е мртов”? Постоеја ли и такви кои би Ви останале во сеќавање и по престанокот на снимањето? Некои посебни карактеристики кои вам Ви оставиле голем впечаток во однос на глумата? Имаше ли некои кои едноставно некогаш не им беше до снимање па посакуваа да ескивираат? Во целост, како течеше самото снимање на филмот?

Се тоа што спомнавте постоеше во тек на рабоатата. Како да сте биле на снимањето.  Соработката воопшто не беше лесна.  Се собравме табиетлии. Но, успеавме базично да се стајфиме, и да го дишиме истиот воздух, колку и да бевме различни. Би рекол дека станавме бенд за еднократна употреба, ајде да бидам и малце претенциозен – уникатен. Веројатно друг пат не би го повториле тоа. Сите заедно сакавме тоа што ќе остане на филмот да биде спонтано и искулирано. Да не се познава глума, да не се познава режија...  Публиката да смета дека следи вистински живот, неаранжиран. Имавме заедничка цел, рипнавме во вода и пливавме. Колку во тоа успеавме, не е до нас да проценуваме.

8.       Од сите ваши филмови, можете ли да ни одвоете еден, кој за Вас претставувал огромно задоволство и за кој би рекле : “ Уф, конечно го снимав”. Некој филм за кој сте се изнамачиле да го реализирате, но на крај се исплатило?

Па токму тоа е Панкот, се разбира. Сум имал тешки искуства и порано, но никогаш толку драматични – од фаза на „пакување„ проектот, преку без-пари-реализација, до фазата на пост-продукција (монтажа на машината што се вика Пентиум 4, ако некој уште го памети тоа) и пласман на филмот. Не знам дали на крај се исплатило, но дека сите заедно почуствувавме задоволство на крај, тоа сум сигурен.


9.       На што сè ве научи оваа професија? Дали искуството што го стекнавте, Ве научи на некои работи кои не сте ги знаеле до сега?

Секако. Филмот е комуникациска дејност. Нон-стоп се среќаваш со нови предизвици и со живи луѓе, од кои секој носи своја тајна и своја мака. И се справаш со тоа, патем.  И веќе првите професионални искуства ме научиа дека домашните подготовки се едно, контактот со реалниот живот е друго. Јас во филмот влегов како перфекциониста, да не речам штребер, кој сака што е можно повеќе се да му биде искалкулирано и подготвено. Сега сум импровизатор. Ете, некој да ми кажеше на возраста од 20 години дека во правење филм ќе импровизирам, ќе мислев дека е луд.  Значи, научив една работа за филмот и за себе, што не сум ја знаел порано.  И еден куп други, ама нејсе...

10.   Кое е вашето лично мото што Ви дава секојдневна сила да продолжете со снимањето на филмови? И можеме ли да очекуваме нешто ново од ваша страна во скоро време?

Ќе ве лажам ако ви посочам сега некаква максима што ме води. Нема таква.  Спомнав веќе дека постои страст да го искажеш тоа што го носиш во себе, и тоа е тоа. Делува просто.  Но, треба некако постојано да работиш врз себе и да се фокусираш за да го препознаеш тоа што е во тебе и да ја „артикулираш„ таа страст. Доколку си мрзлив и чмаеш, ќе ти избега.
Во моментов и јас токму така, чмаам, се шетам по фестивали и работам некој глупави и недостоинствени тезги. Но веќе насетувам дека почна нешто да ме скубе од внатре, така да можеби дури и во најскоро време ќе се обидам да стокмам нешто ново. 

Емилија Петреска