Во третиот број на нашиот весник "TNT", па и на нашиот блог, можете да го сретнете интервјуто кое успеавме да го направиме со нашиот познат филмаџија, Владимир Блажевски. Изминатиов период тој беше една од најчесто споменатите личности во областа на филмот и тоа токму за неговиот филм "Панкот не е мртов", за кој ќе позборуваме во следново интервју.
Уживајте!
1. За да би го скршеле мразот, можете ли да
ни кажете за вашите почетоци? За љубовта кон филмот? Некоја посебна мотивација
или пак некоја анегдота поврзана со она што сте денес, еден фантастичен
филмаџија?
За жал, не
се сеќавам на анегдоти. Веројатно било интересни и смешни работи, но системот
од тогаш толку пати ми е ресетиран, да веќе нема место за такви спомени.
Љубовта кон филмот, да. Во време јас кога станав „отруен„ со филмот, тој беше
апсолутно најважна работа на земјината топка. Сите гледаа филмови и филмовите
им беа битни работи во живот, дури и реперни точки. Се разбира, и јас бев со
таквите. Ќе видиш некој филм и ќе бидеш во занес година дена. Секаде се
расправаше за филмови, дури верувавме дека филмот може да го менува светот.
Денес тоа , се разбира, го нема. Не знам
да кажам дали е тоа минус или плус. Мене лично ми недостига таа привилегирана,
духовно аристократска, позиција на филмот. Се сеќавам да кога прочитав на
огласната табла дека сум примен на студии по режија, меѓу 250 кандидати, сум
мислел дека сум „фатил Господ за брада„.
2. Како Владимир Блажевски ги поминувал
своите тинејџерски денови, како млад “бунтовник” или можеби пак како “бубалица”
? Дали за време на своите “луди млади години” сметате дека најмногу може да се
биде креативен и што би им сугерирале на младите кои имаат желба да се впуштат
во светот на подвижните слики?
Повеќе сум
бил бунтовник отколку бубалица. Зборам за времето на средно училиште. Школските
обврски речиси воопшто не ме интересираа. Многу читав (базата на своја класична
литерарна наобразба тогаш ја фатив), многу филмови гледав, театри, концерти,
трибини, дискусии... Но и банални работи, спорт, забава, шлаење низ град, уличарски
бадиалџиски живот... Се она што е вон школски задачи. Дури после разбрав дека
тоа било блиску до некаков си „џек лондоновски„ концепт на акумулирање
искуства. Не можам да кажам дека ми е жал што не посветував повеќе време на
школо и институционално учење. Единствено сметам дека сум бил глуп што не се
обидов да учам некој инструмент да свирам. Тоа вистина ми е криво. Им завидувам
на луѓе што свират.

3. Која е најчесто пораката што сакате да ја
испратете до секој гледач низ вашите филмови? Што е она што најчесто го
критикувате, било во Македонија па и општо? Или пак Вие спаѓате во групата на
луѓе кои сакаат да претставуваат позитивни работи и постојано се со
оптимистички став?
Бегам од
апла пораки праќање. Се обидувам моите филмови да имаат смисла, но не во вид на
некаква дидактичка идеја, или како што некои го викаат тоа – филозофема. Во македонскиот филм за жал
имаше многу примери на такви наивни филозофеми испраќање. Џон Форд велеше дека
кога ќе почуствува потреба да испрати порака, оди на Пошта. Денес би рекле
Фејсбук, можеби.
А што се
однесува до критикување, мислам дека филмот живее од несовршеноста на светот.
Додуша, постојат и апологетски филмови, но мене таквите ми се несфатливи. Ако
се свртиме околу нас, сега во Македонија, има миљон работи што се за
критика. Со моите пријатели во еснафот
имаме една поговорка: што полошо за
живот, тоа подобро за филм. Во таа смисла, земјава би требало да е златен
рудник за филмски теми. Но за жал, не е.
4. Дали сметате дека денес е тешко да се биде
креативец, а да не можеш да ги реализираш своите идеи освен ако не си замешан
во политиката или сл. ?Мислете ли дека тоа може да биде голем хендикеп, посебно
кога сте на почетокот од својата кариера?
Мислам дека е
неблагодарно да се биде креативец поради
тоа што духовните потреби кај луѓето се девалвирани. Времето е во кое како да
никој нема потреба за креативци и духовни вредности. Тој што тежнее кон такви
духовни димензии, може дури да испадне и смешен. И сметам дека тоа е вистина
тежок хендикеп за млади луѓе, на почеток од својата кариера.
5. Што всушност претставува за Вас филмот и
зошто филмот е важен сегмент од нашите животи?
Ова е едно screwball прашање, за кое или треба 10
странички текст за да се одговори, или
инстант шега. Но сепак ќе се
обидам. Сеуште многу, многу го сакам филмот. Поинаку него тогаш кога година дена
ќе бев во занес после гледање на некој филм, но и понатаму со страст. За мене
филмот е токму тоа – голема страст. Ќе речеш, како за некој да оди по риба, или
на комар. И јас ќе речам: да. Исто.
6. Вашиот филм “ Панкот не е мртов”, стана
голем хит меѓу македонската па и светската популација и тоа за краток период. Што е главната причина за тоа според Вас? Се
надевавте ли на ваков исход иако мора да се напомене дека вашиот филм спаѓа во
групата на филмови реализирани со низок буџет? Од каде потекнува оваа приказна?
Ќе ви
одговорам со една „демагошка„ фраза, дека за квалитет на филмот се побитни идеи
отколку пари. Секому му е јасно дека
филмот е скапа дејност и дека само со идеи не се прави. Ние во екипата
создадовме атмосфера на решителност да ги тераме работите до крај, за инает на
условите. Тоа се случува еднаш. Не може
да биде правило. Мене, како и моите
главни соработници, не водеше потребата да бидеме искрени. Изгледа дека тоа во
филмот сега се препознава. И изгледа дека тоа е една од важните причини зошто
филмот проаѓа така како што проаѓа, по фестивалите надвор од Македонија.
Инаку,
приказната е измислена. Ниту јас сум бил панкер, ниту некој голем фан на таква
музика. Можеби одговорот на прашањето од
каде потекнува оваа приказна е: од духовното братство со панкерската бунтаџиска
идеологија. Таа ме има нафурано во
филмот ептен силно. Ептен малце бунтовнички работи има во моментов околу нас. И
ете така се фатив со панкот.
7. Можете ли да ни кажете нешто повеќе за
соработката со актерите во филмот “ Панкот не е мртов”? Постоеја ли и такви кои
би Ви останале во сеќавање и по престанокот на снимањето? Некои посебни
карактеристики кои вам Ви оставиле голем впечаток во однос на глумата? Имаше ли
некои кои едноставно некогаш не им беше до снимање па посакуваа да ескивираат?
Во целост, како течеше самото снимање на филмот?
Се тоа што
спомнавте постоеше во тек на рабоатата. Како да сте биле на снимањето. Соработката воопшто не беше лесна. Се собравме табиетлии. Но, успеавме базично
да се стајфиме, и да го дишиме истиот
воздух, колку и да бевме различни. Би рекол дека станавме бенд за еднократна
употреба, ајде да бидам и малце претенциозен – уникатен. Веројатно друг пат не
би го повториле тоа. Сите заедно сакавме тоа што ќе остане на филмот да биде
спонтано и искулирано. Да не се познава глума, да не се познава режија... Публиката да смета дека следи вистински живот,
неаранжиран. Имавме заедничка цел, рипнавме во вода и пливавме. Колку во тоа
успеавме, не е до нас да проценуваме.
8. Од сите ваши филмови, можете ли да ни
одвоете еден, кој за Вас претставувал огромно задоволство и за кој би рекле : “
Уф, конечно го снимав”. Некој филм за кој сте се изнамачиле да го реализирате,
но на крај се исплатило?
Па токму
тоа е Панкот, се разбира. Сум имал
тешки искуства и порано, но никогаш толку драматични – од фаза на „пакување„
проектот, преку без-пари-реализација, до фазата на пост-продукција (монтажа на
машината што се вика Пентиум 4, ако
некој уште го памети тоа) и пласман на филмот. Не знам дали на крај се
исплатило, но дека сите заедно почуствувавме задоволство на крај, тоа сум
сигурен.
9. На што сè ве научи оваа професија? Дали
искуството што го стекнавте, Ве научи на некои работи кои не сте ги знаеле до
сега?
Секако.
Филмот е комуникациска дејност. Нон-стоп се среќаваш со нови предизвици и со
живи луѓе, од кои секој носи своја тајна и своја мака. И се справаш со тоа,
патем. И веќе првите професионални
искуства ме научиа дека домашните подготовки се едно, контактот со реалниот
живот е друго. Јас во филмот влегов како перфекциониста, да не речам штребер,
кој сака што е можно повеќе се да му биде искалкулирано и подготвено. Сега сум
импровизатор. Ете, некој да ми кажеше на возраста од 20 години дека во правење
филм ќе импровизирам, ќе мислев дека е луд.
Значи, научив една работа за филмот и за себе, што не сум ја знаел
порано. И еден куп други, ама нејсе...
10. Кое е вашето лично мото што Ви дава
секојдневна сила да продолжете со снимањето на филмови? И можеме ли да
очекуваме нешто ново од ваша страна во скоро време?
Ќе ве лажам
ако ви посочам сега некаква максима што ме води. Нема таква. Спомнав веќе дека постои страст да го искажеш
тоа што го носиш во себе, и тоа е тоа. Делува просто. Но, треба некако постојано да работиш врз
себе и да се фокусираш за да го препознаеш тоа што е во тебе и да ја
„артикулираш„ таа страст. Доколку си мрзлив и чмаеш, ќе ти избега.
Во моментов и
јас токму така, чмаам, се шетам по фестивали и работам некој глупави и
недостоинствени тезги. Но веќе
насетувам дека почна нешто да ме скубе од внатре, така да можеби дури и во најскоро
време ќе се обидам да стокмам нешто ново.
Емилија Петреска
No comments:
Post a Comment