Search

Wednesday, July 4, 2012

Младите пожарникари од Свети Николе пример за сите





Свети Николе може слободно да се гордее со младите херои кои се дел од еден многу важен проект. Она што тие го научија и го практикуваат со цел да им помогнат на своите соученици, а и на своите училишта е од големо значење. Во прилог ве оставаме со интервјуто кое го направивме со Нати Хасеј, американски волонтер од Мировниот Корпус кој безусловно ни ги сподели информациите за овој проект.


 1.       Кога започна овој проект? Кој ја даде идејата и која беше таа посебна мотивација што ве натера да го направете првиот чекор?

Проектот се залага да се направи план за евакуација во основните училишта и во Свети Николе и тој започна во Ноември 2011 година. Идејата беше на младите пожарникари кои се сега дел од доброволното Противпожарно Друштво од Свети Николе. До сега училиштата немаа план за евакуација во случај на пожар, па затоа и се започна овој проект.

2.   Кажете ни некои детали за проектов, кој е вклучен и имате ли помош од некој друг?

Младите пожарникари развија соработка со администрацијата во училиштата за да утврдат колку училници има во секое училиште и каде се лоцирани излезите. Членовите на организацијата Флоријан (Противпожарна хуманитарна организација од Велика Британија) помогна со подучување на младите пожарникари во изработката на план за училиштата. Сега училиштата имаат план за евакуација поставени во секоја училница.Сите овие планови беа рачно изработени од страна на младите пожарникари. На секој од тие планови се одбележани локацијата на противпожарните апарати, алармите, плановите за евакуација итн.

3.  Кој може да учествува во оваа група, има ли некои посебни критериуми или пак особини што мора да се поседуваат?


Младите пожарникари од Свети Николе беа единствената млада противпожарна група во Македонија се до пред неколку години. Оваа група е составена од малолетници заинтересирани за јавната безбедност. Младите од Свети Николе можат да бидат членови на групата на Свети Николе. Тинејџерите од други градови во Македонија кои се заинтересирани да се придружат на групата млади пожарникари треба да се консултираат со локалното доброволно или со професионалното противпожарно друштво. Моментално активни групи на млади пожарникари има во Битола, Богданци, Брвеница (Тетово), Велес, Свети Николе, Чаир (Скопје) итн.

4.  Што очекувате во иднина од овој проект, сметате ли дека младите денес се заинтересирани за пожарникарството?


Овој проект им помогна на локалните училишта за подготовка во случај на пожар. Во иднина се надеваме дека училиштата ќе имаат стандардна процедура во креирање на план за евакуација во случај на пожар. Плановите се изработени во соработка помеѓу локалните институции и противпожарните друштва. Младите кои се дел од овој проект ќе можат да ја видат важноста на противпожарните акции, спасувањето животи и заштитата на имоти. Но, најважно од се’ е дека нивната работа е хуманитарна и доброволна. 

5. Што сметате, кој е најдобриот начин да се покаже дека оваа професија е од голема важност?

Групата на млади пожарникари им дава можност на своите членови во Свети Николе да бидат дел од обуките за прва помош, спасувањето од пожар и организационен менаџмент. Тие имаат можност да комуницираат со пожарникари од Велика Британија и да воспостават контакти со овие странски соработници. Многу од нив имаа обуки исто како нивните колеги од професионалното Противпожарно Друштво. Овие млади најверојатно ќе станат професионални или доброволни пожарникари во иднина. Нема парична награда за помагање на училиштата околу развојот на план за евакуација, но има задоволство знаејќи дека наредната генерација ќе може да го користи тој план подобрувајќи го животот во заедницата.  Подобрувањето на заедницата доаѓа од луѓе кои пробуваат, граѓаните кои вложуваат  во своите заедници, а не од странски инвестиции. 

                                                                                                                          Емилија Петреска          




No comments:

Post a Comment