Search

Sunday, February 26, 2012

ЕКСКЛУЗИВНО ИНТЕРВЈУ СО СОСТАВОТ НА ТЕАТАР „КРИК“




Во ова, второ издание на младинското списание TNT, ви нудиме интересно интервју со главните фаци од театарот „Крик“. Мирјана, Роберт и Сашо се токму оние кои умеат слатко да не насмеат на своите настапи. Тие, последен пат во Неготино беа на 30.12.2011 г. кога настапија со претставата „Дедо Мраз и пајчето Патко“. Погледнете го интервјуто кое го направивме со нив!




***    На дамата ѝ ја даваме предноста, еве го интервјуто со Мирјана Ристова...
·         Како започна вашата актерска кариера, кога се појавија првите стремежи и како започнавте да го реализирате вашиот стремеж кон актерството?
-          ...Ненадејно,несвесно. Уште од многу малечка моите родители многу често ме носеа во театар… Навистина често. Мислам дека уште од тогаш ми се вроди желбата, иако истите тие кои ми ја вродија љубовта кон театарот,  не ја прифатија баш најдобро идејата, нивната ќерка да стане актерка. Актерската кариера ми започна со дуодрамата Едно утро, потоа следеше документарен игран филм „Ти си жива “,па приказните на МТВ и СИТЕЛ... И се така по ред, полека но сигурно J
-           

·         Како се роди театарот „КРИК“, кога и колку време постои?
-          На почетокот работевме за други театарски трупи. Еден ден рековме доста е, мораме да градиме нешто наше, нешто со кое ќе се гордееме и со кое ќе оставиме печат. Мислам и успеавме во тоа , успеавме од проста причина што тоа го сфативме многу сериозно. Значи почнавме сами да пишуваме свои текстови , самите ние да узработуваме костими и сценографии... Сето тоа се случуваше во 2004 год. кога јас и Сашо бевме втора година на факултет ( деца).

·         Која е вашата утринска мисла?
-           Утринските мисли ми се поврзани со обврските, значи, секој ден мислата ми е различна.

·         Читателската публика на TNT, која претежно е сочинета од неготинската младина, мислам дека би ја интересирало да прочита нешто повеќе околу вашата поврзаност со Неготино. На кој начин се роди љубовта која сплотила две уметнички души? J
-          ...Мислев се подразбира - што може да сплоти две уметнички души, а истовремено едната да е од Неготино?  Ж*та  Неготинска  (хахаха)се шегувам. Немам никаква поврзаност со Неготино, освен што имам маж од таму,и дете кое е полунеготинче. Мала работа,зарем не?  Љубовта се роди многу спонтано,уметнички во далечната 1999год. од минатиот век. Леле ама сме биле јас и Роберт стари...Ти благодарам  што ме потсети.


·         Кои се ваши омилени работи, а што ве нервира?
-          Ме нервираат многу работи: ме нервира трката по пари која е приоритет во скоро секој дом, а со самото тоа губење на топлината во едно семејство, лицемерието кое владее,алчноста,себичноста...
А омилена работа ми е пиње на кафенце во некој добар кафич,со добра музика и секако убав поглед .  Скромна личност сум зарем не? J

·          Опишете ги најкратко вашите главни соработници од театарот „КРИК“, Роберт Ристов и Сашо Ристовски. J
- Роберт 183см.,црн со кафеави очи. Иако мислев дека нема поцрн од него, се појави Сашо троа поцрн, со зелени очи
J

·         Што невообичаено би им препорачале на читателите на TNT?

-          Па бидејќи ги поминавме Новогодишните и Божиќните празници, мислам дека  е многу невообичаено, на сите ваши читатели, со мало задоцнување, да им ги честитам празниците. J



*** Роберт Ристов за многумина од вас е препознатлив пред сè поради неговото неготинско потекло. 

·         Што значи да се биде актер, што значи да се застане на штиците што живот значат? Во однос на вашата професионалност како поминувате еден просечен ден?

-          Да се биде актер, значи да си подготвен да живееш некоја од многуте вистини на сцена.  Притоа, таа вистина мора да се живее со бараниот интензитет, нештедејќи ги енергијата, емоциите и креативноста, за да на крајот,  таа целосна креација наречена –ЛИК, стане единствена, оригинална  приказна, која се живее овде и сега, во дадениот миг   и е доволно оригинална и вистинита за да го задржи вниманието на  гледачот во публика.
 Да се биде актер, значи да си подготвен кога е потребно вистински да патиш, вистински да си среќен, вистински да си заљубен, вистински да си бесен, да повредуваш или да бидеш повреден... 
...Во однос на колегите и барањата на режисерот,  да бидеш  прилагодлив, компромисен, кога е потребно наметлив, но и попустлив затоа што ти си дел од сложувалката наречена претстава или филм, чии главен автор е режисерот. 

·         Нешто повеќе за вашето детство, каде поточно ја откривте желбата и амбицијата кон актерството? Како започна сето тоа?

-          Откако знам за себе си, уживав во гледањето  на филмови.  Дури и оние филмови кои за другите беа „досадни“, „бавни“, „по незнам колку пати репризирани“, за мене секогаш беа интересни. При секое гледање забележував нешто ново, се предавав на емоциите, учев  за луѓето и карактерите...   и најверојатно потајно сум мечтаел  да станам дел од тој филмски свет.
Аматерски се бавев со пеење, играње во КУД,  Џез-балет, радио водител, новинарство, поезија, па дури и манекенство (ха...ха..ха...), театар, ракомет, кошарка (Фудбал –никогаш,  и с
è уште сум најмалку посакуван играч во било кој маалски тим). 
Кумановци на ова би рекле :„ БАТКО Ѓорѓија -све што је видеа све је пожелеја“. Но сепак нај големи успеси покажав во пеењето, во периодот кога неколку години по ред на манифестацијата НАЈДОБАР ГЛАС ,ги освојував наградите од публиката и   жирито, кога неколкупати бев повикан да снимам во тогашната единствена  македонска телевизија МТВ.  Кога сите мислеа,  дека сум на сигурен пат да станам пеач, јас се заситив и се откажав од пеењето и пробував се останато, за да на крајот се одлучам за глумата.  Првиот ангажман во аматерскиот театар ми се случи во четврта средно, и можеби токму затоа што ми беше последно талкање, и за мене беше се уште нешто ново и не изживеано, па така и се одлучив да продолжам на ФДУ.
Сметам, дека и не така случајно ја одбрав оваа професија, во која секоја нова улога значи нов пат, ново искуство, ново истражување, самопреиспитување и самопотврдув ање, што е некаква одлика и потреба на мојот карактер.

·         Дали е тешко да се „одлепи“ приватното од професионалното и како вие се справувате со тоа?

-          Признавам дека се уште не сум го нашол методот за одвојување на приватното од професионалното, и  не сум сигурен дали тоа го сакам и дали тоа воопшто е можно. Актерството е професија  која се темели на преживувањето на сцена, и се базира на сопственото и туѓото животно искуство.  Има моменти кога се трудам по излегувањето од театар да не мислам на ликовите, туку да се посветам на најблиските....Но  тоа секогаш не ми успева.  Често се прекорувам поради тоа, но од друга страна, свесен сум и дека голем дел од решенијата за одредени сцени не ги пронаоѓам за време на проби, туку дома или во град, во миговите  кога неможам да се отргнам со мислите од ликот . Дури и кога сум сигурен дека во моментот ја живеам мојата приватност, со мојте нај блиски, свесно отуѓувајќи се од сé она што се вика ТЕАТАР, се случуваат моментите кога ликот ми краде од приватноста, кога одредени зборови или ситуации ме навраќаат на слатките проблем поврзани со него. Не ретко, во тие мигови, се кријат вистинските одговори на нерешливите проблеми околу новиот лик.

·         Споделете нешто повеќе за вашиот придонес во македонскиот филм „Ти си жива“, дали имавте посебна мотивација да ја одиграте вашата улога овде?

-          Мотивацијата  заради која го отпочнав проектот беше да остварам уште една улога која „под дифолд“  сакам да е подобра од претходната.
Тоа што дополнително ме прави да се чувствувам среќен и корисен е фактот дека со овој филм,  станав дел од луѓето кој на свој начин допринесуваат за ПРЕВЕНЦИЈА ОД ТРГОВИЈА СО ЛУЃЕ.

·         Имате многубројни улоги во театар, филм како и во разни ТВ проекти. Тешко ли е да се премине од една улога во друга?

-          Моја тенденција е секогаш да се прикажам себеси во поинакво светло, да креирам лик кој по многу нешта ќе се разликува од останатите... Но факт е и тоа дека сите тие ликови кои јас сум ги играл, имаат нешто заедничко а тоа сум ЈАС- самиот.

·         Кој е вашиот секојдневен ритуал кој ама баш секој ден го спроведувате?

-          Тоа е ритуал кој верувам дека по ништо посебно не се разликува од секојдневието на другите.
...Се будам,бакнеж за доброутро на жена ми и син ми, бања, кафе, појадок, проби, претстави , а во зависност од нив -ручекот и вечерата -дома или на работа.... Слободното време се обидувам да го поминам со луѓето кои ги сакам....

·         Опишете ги најкратко вашите главни соработници од театарот „КРИК“, Мирјана Ристов и Сашо Ристовски.

-          Тоа се луѓе со кои на професионален план неколку години константно соработувам, големи  професионалци ,  луѓе на кои можам да се потпрам , во кои имам доверба и знам дека се трудат секогаш да го направат најдоброто за ТЕАТАР КРИК.

***      На ред доаѓа и третото парче од театарот „Крик“, Сашо Ристовски кој исто така проговори интересни работи за себе.

·         Ве знаеме пред сè од народните приказни и од театарот. За да се постигне овој степен на кој се наоѓате вие токму сега, колку скалила треба да се искачат? Од каде започнавте вие и по која патека тргнавте, по онаа полесната или сепак го избравте потешкиот пат?
-          Патот е тежок секаде и секогаш. На некој начин кај мене секогаш патоказот е кон потешкиот пат, но кога човек ќе се измачи тогаш резултатот е посладок и секако, секогаш, што и да се случи остануваш стабилен и цврсто чекориш на земја.

·          Што е она што за вас значи енергија, што е она што ви дава сила да полетате кон нови успеси?
-          Тоа е моето семејство пред сè, моите родители и мојот брат, а секако и публиката. Едноставно живеам за нив и тие ми ја даваат позитивната енергија која е клучот за сите мои успеси.

·         Секој умее да греши, но како вие успевате да ги покриете и поправите вашите грешки?
-          Апсолутно секој умее да греши, па така и јас. Јас кога ќе згрешам знам да се извинам и да не ја повторувам грешката. Човек треба да научи да го изговори зборот „извини“ и никогаш да не ја повтори истата грешка, а секој се учи на своите грешки.

·         Како гледач/публика што повеќе сакате, театар, филм или ТВ емисии? Зошто?
-          Театар пред сè, бидејќи тоа е работа на момент.

·         Кога би ја имале сета моќ на светов на 15 минути, што е она што прво би го сториле?
-          Не сум размислувал на тоа, а искрено и не би сакал да имам толку моќ. (ха-ха-ха)

·         Како сте се забавувале во тинејџерките години, а како се забавувате сега? J
-          Јас си имав поинаков начин на забава и како тинејџер, а и сега како повозрасен. Како тинејџер најголемата забава ми беше моето кученце со кое постојано си играв и секако друштвените игри со моите другари. А сега најголема забава ми е кога сум дома со моите блиски или пак кога ќе излезам во некој убав ресторан со личноста која ми го плени срцето.

·         Што моментално спремате со театарот „КРИК“ и на самостоен план?
-          Во изминатиов период се играше новогодишната претстава „Дедо Мраз и Пајчето Патко“ и многу убаво си поминуваме сите од нашиот театар, едноставно се забавуваме, дружиме и уживаме со децата... А што се однесува на самостоен план, сè уште е рано да кажувам бидејќи немам дефинирано каде, како, што ќе правам во 2012 година.

·         Опишете ги најкратко вашите главни соработници од театарот „КРИК“, Мирјана Ристова и Роберт Ристов.
-          Мими и Роберт покрај тоа што ми се одлични колеги со кои заедно функционираме како еден театарски атом на сцената, тие ми се преголеми пријатели, луѓе кои во сè се тука покрај мене, а и јас покрај нив. Тоа се луѓе на кои секогаш и во секое време можам да се потпрам за било што во животот и во работата.



Подготви: Елена Данова, LENA


No comments:

Post a Comment