Жарко Кујунџиски- Пишува и објавува колумни, рецензии, критики, осврти,
есеи, на литературни , филмски, културолошки и општествени теми. Неговите
текстови можат да се прочитаат во "Дневник", "Лоза", "Млад борец", "Кинопис", "Утрински
весник", "Блесок", "Наше писмо", "Илузија", "Профил", "Cineast", "Sodobnost". Свои уметнички
дела објавува во списанијата "Разгледи", "Стожер", "Нова Македонија" и "Стремеж".
Уредник на издавачката куќа “ Антолог” и електронското списание "Репер". Добитник
на многубројни награди како "Студентски збор", "11 март 1943", "13 Ноември", "Лица без
маски", "Блаже Конески"...
Тони
Димков- новинар во "Лајф магазин", "Глобус", "Форум". Зел учество во продукциската
емисија “ Врти сучи тоа ти е Скопје”.
Има направено огромен број на интервјуа со познати личности од странство и од
нашите простории...
Овие две личности со своите искуства можат да
покажат многу. Во паралелно интервју со нив ќе можете да ги проследете нивните
меѓусебни разлики но и сличности. Тие даваат многу интересни факти во врска со
новинарството во Македонија и ја прикажуваат реалната слика на она што денес е
познато како слободен стил. Но, и не забораваат да спомнат за нивните
тинејџерски денови.
За нивните
почетоци, успеси и мислења може да проследете во продолжение.
Уживајте !
1. Како започнавте со пишувањето на статии?
Тони Д. - Сосема случајно во 1989/90 година се појави можноста да
пишувам музички рецензии за некогашниот „Студентски збор“. Така почна. Со
кратки текстови за нови музички изданија и концерти на македонски рок-групи.
Потоа почнаа да се редат ангажмани во Македонско радио, Студентско радио,
Македонска телевизија, продукциската емисија „Врти сучи тоа ти е Скопје“. Во
последниве години повеќе се посветив на пишување во печатените медиуми. Оттаму
произлезе работата во неделните магазини „Глобус“ и „Форум“, и во месечниот
магазин „Лајф“.
Жарко К. –Далеку пред да пишувам колумни
почнав да пишувам кратки раскази. Ги испратив на неколку конкурси и добив
неколку награди. Потоа основав аматерски театар и правев претстави со кои
учествував на Фестивали каде освојував награди за сценарио. Се запишав на
Филолошкиот факултет, каде пишував есеи кои, исто така, предизвикуваа интерес
кај професорите и беа наградувани. Кога решив да објавам книга, ја добив
најголемата награда, публиката. Ретката можност да пишуваш колумни во медиум
како весникот „Дневник“ е своевидна награда која доаѓа единствено ако сè што си
направил дотогаш е искрено и со врвен квалитет.
2. Од каде желбата за оваа професија?
Тони Д. - Повеќе станува збор за личен избор на начинот на живеење.
Професијата дојде самата по себе. Прво се појави желбата да бидам сведок на
актуелните настани во државата, потоа се појави можноста да известувам за
истите. Тоа е неверојатно пријатна комбинација која придонесе во текот на
целата досегашна професионална кариера да се занимавам со новинарската
професија. Практично, тоа е професија која целосно ве окупира, бидејќи не
можете да бидете новинар од 7 до 15 часот, а попладне да се занимавате со нешто
друго, туку деноноќно ве ангажира, за на крајот да сфатите дека новинарството
станало дел од вашата личност.
Жарко К.- Во моето семејство неколку
генерации претходно се уметници, така што уште како дете сум бил опкружен од
книги. Сепак, тоа повеќе ми направило одбивност отколку желба за професијата.
Долго време се противев да почнам да пишувам, еден период дури планирав да
студирам филмска режија, но еден ден конечно дарбата исплива на површина и
немаше бегање.
3. За што најмногу сакате да пишувате? Што најмногу Ви
причинува задоволство да критикувате?
Тони Д.- Најголем
дел од моите досегашни професионални ангажмани беа поврзани со областа на
културата и уметноста. Ако на почетокот тоа беа рецензии на концерти и музички
изданија, потоа моите текстови и прилози беа посветени на сликарството,
книжевноста, филмот, театарот. Успешен перформанс, убава книга, квалитетно
уметничко дело – тоа е мојот предизвик за пишување. Особено ако станува збор за
уметник кој вредно и трпеливо го гради својот опус. Не милувам многу да
критикувам бидејќи кај нас критиката е погрешно сфатена и луѓето премногу лично
реагираат на секоја критика. Место критика, почесто практикувам отворен
разговор за одредено уметничко дело или процес.
Жарко К. – Најлесно пишувам кога пишувам на
едноставни и секојдневни теми, блиски до обичните луѓе, каков што сум и јас. Ме
интересираат теми како етика, култура, литература, јазик, навики. Поголемо
задоволство ми е кога ќе видам нешто пријатно и ќе го пофалам, отколку само да
критикувам, но чудни се луѓето, најчесто полесно ги забележуваат грдите и лоши
нешта. Башка, ретко кој јавно го соопштува тоа, а само така може да се случат
промени.
4. Дали сметате дека стилот на пишување се менува со текот
на времето? Дали тој станува сé послободен?
Тони Д.- Стилот на изразување секогаш е лична работа и зависи од
сопствената едукација, искуство и стремеж за градење на сопствената личност. Во
последниве десетина години процесот на дигитализација на комуникацијата, со
посредство на Интернет и со електронските апарати, како компјутери и мобилни
телефони, придонесе да се отвори можност секој да пишува што сака. За жал,
демократизацијата на медиумите во многу мал процент придонесе за појава на
квалитетни текстови. Во таа смисла, стилот на изразување во денешно време е
послободен, но квалитетот остана во текстовите на луѓето кои професионално се
занимаваат со новинарството.
Жарко К.- Се менува само доколку
постојано се вежба. За да се одржува кондиција и да се напредува во пишувањето,
треба нон-стоп да се чита и да се пишува, исто како што еден кошаркар
секојдневно оди на тренинг и во теретана.
5. Која е за вас најмаркантната личност во писателството
која Ви оставила длабоки траги во вашиот стил на пишување?
Тони Д.- Бидејќи со новинарство се занимавам повеќе од дваесет
години, ќе ги истакнам личностите кои ми помогнаа подлабоко да навлезам во
новинарскиот израз. Во мојот случај, без дилеми, станува збор за три личности.
Основите за новинарско и телевизиско изразување ги стекнав кај Иван Андреевски,
мојот прв уредник во Македонска телевизија со кого работев во „Добро утро
Македонијо“ и Неделно попладне на МТВ. Визуелните аспекти на новинарскиот израз
ги сознав низ работата со Евгенија Теодосиевска во Редакцијата за култура и
уметност во МТВ, додека документаристичкиот пристап го „купив“ од Тања Битољану-Плавшиќ,
веројатно најдобрата авторка на документарни филмови во Македонија.
Жарко К.- Колку повеќе читам книги,
толку повеќе сфаќам дека има навистина многу умни и многу многу умни луѓе на
кои се воодушевувам.
6. Како ги поминувавте вашите средношколски денови?
Тони Д.- Секогаш со задоволство се сеќавам на средношколските
денови. Тоа е период во животот кога личноста почнува да се гради со тоа што
самостојно ги открива првите препреки во животот. Се уште си доволно млад да
бидеш ослободен од некои одговорности, но доволно си возрасен да почнеш да ги
откриваш тајните на животот. Тоа е период кога си најотворен за нови знаења,
познанства, љубови. Но, и период кога треба да се изгради својот карактер и да
се стекне самодисциплина за следните фази во животот.
Жарко К.- Учев гимназија, така што имав фина прилика
да стекнам знаења од еден тон области. Еден дел од денот учев колку јаболки
раѓаат дрвјата во Ресен, потоа требаше да сецирам октопод. Еден дел од денот
решавав математички проблеми, а останатиот кршев јазик да научам некој долг
германски термин. Беше интересно, особено последните две години, кога почнав да
фаќам кривина, бидејќи основав театарска група во училиштето и се случуваше
повеќе време да минувам на проби и во сала, отколку во училишна клупа и пред
табла.
7. Кога би погледнале во минатото, кои се вашите најзначајни
мигови во животот?
Тони Д.- Верувам дека е многу битно да се разбере значењето на
секој миг, независно дали станува збор за добар или лош миг од минатото.
Откривањето на врската меѓу повеќе мигови во животот го гради искуството на
секоја личност. На тој начин созреваме и ја сфаќаме смислата на живеењето. Меѓу
значајните мигови во мојот живот би можел да спомнам повеќе средби со личности,
како Лори Андерсон, Џон Лури, Пати Смит, Питер Гринавеј, Хуанита Вилсон, но и
концерти на групи, како „Дед кен денс“, „Соник јут“, „Ник Кејв анд д бед сидс“,
„Екатерина велика“, „Лајбах“. Долг е спискот.
Жарко К.- Периодот на студии е
исклучителен, посебно кога си бруцош. Сретнуваш луѓе од цела Македонија, се
откриваат нови околности, стануваш бунтовен со причина, се менуваат начините на
предавање и учење.
8. Што најмногу ви се допаѓа, а што најмногу ве нервира кај
некоја личност?
Тони Д.- Новинарството е професија која дава можност постојано да
сретнувате нови и непознати луѓе и да дознаете различни животни приказни.
Поради тоа личното искуство, дури и без да сакате, ви овозможува многу побрзо
да проникнете во карактерот на другите луѓе. Секако, со текот на времето
критериумите се изоструваат и многу брзо ја препознавате и радоста, и тагата, и
искреноста, но и злобата кај луѓето. Сакам отворени, искрени, чесни и креативни
личности, а посакувам што помалку да комуницирам со дволични, љубоморни,
себични и злобни луѓе.
Жарко К.- Почитувам искрени и отворени,
а на километар одбегнувам луѓе кои се лицемерни и арогантни. Точно е и тоа што
го велат, дека треба да се чуваш од блиските, бидејќи далечните секако ги
знаеш.
9. Кои се следните ваши активности, што можеме да очекуваме
ново од Вас?
Тони Д.- Имам чувство дека во последно време новинарството влезе
во „матни води“. Дневната политика ги подели новинарите и место да трагаат по
вистината, се напаѓаат едни со други. Верувам дека станува збор само за
моментална состојба која брзо ќе се промени. Објективното информирање е еден од
клучните фактори на стабилноста во општеството. Новинарството ќе опстои како професија, иако, лично во овој
период повеќе се занимавам со ПР, односно односи со јавноста во проекти од
театарската уметност и граѓанските организации. Како новинар работам во
емисијата „Автомагазин“, која се емитува на ТВ Канал 5, и правам прилози за
различни предели низ Македонија.
Жарко К.- После една долга пауза од десет години,
мислам пак да му се вратам на театарот.
10. Кое признание или
пак интервју ви е омилено?
Тони Д.- Најголемото признание за секој новинар е одзивот на
неговиот текст или прилог во јавноста. Особено пријатни се моментите кога ќе ви
пристапат луѓе кои што не ги познавате, а кои имаат сопствено мислење за темата
за која сте објавиле текст во медиумите. На личен план, особено драго ми е
интервјуто со поранешниот амбасадор на САД во Република Македонија, неговата
екселенција Филип Рикер. Со задоволство се потсетувам и на интервјуата со
професорите Ферид Мухиќ, Слободан Унковски, Венко Андоновски, како и на
разговорите со познатите личности од уметничките кругови, како Симон Трпчески,
Кирил Џајковски, групата „Фолтин“ и многу други.
Жарко К.- Читателите ми се најголема
награда, особено кога ќе ми пристапи некој непознат човек и ќе ми цитира дел од
моја книга и колумна со жар во очите. Тоа е навистина бесценето.
11. Имате ли некои
совети за младите идни колумнисти или писатели?
Тони Д.- Пред сé, треба да бидат сигурни во себе дека сакаат да се
занимаваат со новинарство, бидејќи станува збор за тешка професија која нема
работно време и често се случува да не остане простор за приватен живот. Јавно
искажаниот збор често е предмет на пофалби, но и на критики од читателите или
гледачите, така што младите новинари секогаш треба да го посветат неопходното
внимание на темите за кои пишуваат, да бидат објективни и непристрасни, а
потрагата по вистината секогаш да биде нивната основна задача.
Жарко К.- Кога си тинејџер и дома и на
школо, едноставно сите до еден, имаат мерак да напнуваат и тупат со совети,
така што јас нема да се обидам да ја играм улогата на советодавач. Слушајте ги
сите по малку, ама најмногу од сè себеси. На идните писатели ќе им кажам само
едно кратко „Многу читајте, многу уживајте“.
Изработка
Емилија Петреска
No comments:
Post a Comment