Во генерала ако на некој британец, американец, швеѓанец и
што ти знам таму му спомните Нова година, веднаш му текнува на пријатна и
хармонична атмосфера, семејството околу празничната трпеза, сите со некакви
Дедо Mраз капички, светликави ленти, елката зрачи од радост... Расположение „од
шест до шест“ и тоа без да се наполни фрижидерот со разни алкохолни пијалочиња!
Но ако некое балканче, некое македонче или еве поконкретно, некое неготинчанче
го присетите на Новата година, од минатата година, ехеее... Сигурно ќе чуете: „
Ауу, брачед лани како беше, на шољата како сум повраќал, така сум се успал
(ха-ха-ха), ваа година шо че зиаме за пиење? “ Значи одма му текнува на Крали
Марко, Вигор, домашно црно по можност од подрумот на дедо му, евентуално ж’та
и... едно дваесет „другарчиња“ напикани во една соба. Дваесет од кои само
двајца навистина би му биле другари ако му затреба нешто. Ама тоа е тоа, нели
таков е животот, судбина, ништо не може да се стори тука. Како сите, така и ти!
Во ова општество не смееш да бидиш уникатен, не смееш ама со баш ништо да делиш
од масата на просечноста, ако не и под просечноста... Оти тогаш нели, или си
забеган или си наркоман, а на крајот на краиштата и не си ти крив шо си таков,
„Бог да чува! Таков те дала природата. Гревче...“ Не дај Боже да облечиш патики
и да излезеш у дискотека. Тогаш ти стварно не си со сите. Добро, шо планираш ти
со твојот живот... Не дај Боже на фацебоок да не ставиш слика со новото
фустанче до... Мислев на новото кратко фустанче во стил „планета пајнер“,
„балканика“ и слично. „ Лелее, само некои чудни слики ставаш“, или ако не
ставаш „зошто ти е фејсбукот тогаш... Лелее, кој ме боцнал, само да знајш!“
И... Ах, да, се враќаме на Нова година. Нова година ко Нова година, секоја
години исто, исто... Ама има и една мнооогу позитивна страна. Кога ќе излезам
надвор, гледам цел град свети, си светка така, убавини за гледање. Кај и да се
свртиш гледаш ѕвонци, ѕвезди, елки, дури и дрвата светкаат само секоја година
сè помалку оти гранките си растат, а ламбичките се долги колку три гранчиња да
фатат, па така не се ни забележуваат многу. А за блескавото црево по рабовите
на општинската зграда, не праам ни муабет. Да го немаше таму, јас немаше ни да
знам дека на тоа место има нешто! Епа сега еве знам! Значи, градот ни е „срча“,
се осеќам како у Париз, ех... камо да бев у Париз. Ама не само јас, изгледа и
многу од луѓево се осеќаат како да се у Париз. Ни се дава неповторлива шанса сè
да свети. Па така пред голееееееемата, добро сеа не е толку голема, осветлена
елка се редат кој попрв да се сликне, се надевам дека не е за на фацебоок! И
уште пред Декември сите велат – „Ах Нова година, шо е, обична вечер, ќе дојде и
ќе си оде.“ А после – „ Ееее, иде 31-ви, дај да изнакупиме по со време, оти
после гужва ќе има кој ќе чека. “ Обична вечер... А за обична вечер полниш ли
бре три колички од импровизираните супермаркетчиња, трошиш ли десет пати повеќе
од еден викенд. Е тука прехрамбените продавнички го „обираат есапот“. Ама и
бутиците и шнајдерите не се подолу.
Мора да се сокрие салцето со некоја црна хаљина или со некое фенси палтенце и
краватка, па така голтнатата лубеница нема ни да се забележи... демек. И тогаш
си помислувате – „Ах, да поминат трошоците за празниците и од кај 15-ти мора да
намалам со јадењето, а и у теретана почнувам. Не бива вака више.“ И почнуваат
они, и уште почнуваат... И ќе се изеде, ќе се испие и со арно ќе тргне
годината. И прва и втора вечер, а по можност да се продолжи и на трета. А
певаљките, охохоооо, ами они само ваква гага чекаат. Импровизирани турбо
групички на чело со некоја певачица, по правило да е повеќе за гледање отколку
за слушање. И така она со својот милозвучен глас... Уф абе шо зборувам,
милозвучен... Па кога би отишла на некое ефтино шоу за таленти на регионално
ниво, одма би се нашол некој да ѝ ја каже барем половина од реалноста. Па затоа
тие и не одат таму, туку си пеат, градат музичка кариера, па така се гради
кариера, по кафанчиња, ресторанчиња... И овде никако не смеам да ги занемарам
сите тие пиротехнички средства, огномети, ракети, петарди... Па што сега за
два-три прста ли ќе се прајме... Како и да е останува во мене само надеж, надеж
дека секоја наредна година ќе се намалува бројот на несреќи предизвикани од
алкохол, да се надеваме.
Подготви: Елена Данова, LENA
No comments:
Post a Comment